Со тестовите со физички напор се проценува одговорот на кардиоваскуларниот и респираторниот систем на физичко оптоварување. Сите претходно опишани ФБТ се изведуваат кога пациентот мирува.
Тестовите со физички напор се изведуваат само во специјализирани лаборатории за функционална дијагностика. Тие се скапи и при нивното изведување можна е појава на компликации. Индикациите за изведување на овие тестови се: евалуација на нејасна диспнеа, проценка на работната способност, проценка на факторите кои ја ограничуваат толеранцијата на физички напор и следење на прогресијата на болеста и на ефектите од терапијата.
Тестовите со физички напор можат да се изведуваат на подвижна лента или на ерговелосипед. Пациентот треба да го даде максималниот напор бидејки физичкото оптоварување прогресивно се зголемува во текот на краток временски период (обично 10 минути). Во текот на изведувањето на тестот можат да се мерат повеке кардиоваскуларни и респираторни параметри,а најголема важност има одредувањето на потрошувачката на кислород. Нормалната вредност на потрошувачката на кислород се добива при нормален одговор на кардиоваскуларниот и респираторниот систем на физичко оптоварување. Детерминанти на белодробниот одговор физичко оптоварување се функцијата на респираторниот центар, нервномускулната функција, анатомијата на зидот на градниот кош и состојбата на дишните патишта, белодробните алвеоли и интерстициум, како и на белодробната васкуларна мрежа. Детерминанти на кардиоваскуларниот одговор на физичко оптоварување се срцевата фреквенција (пулсот) и минутниот волумен, состојбата на периферната циркулација и спсобноста на мускулите да го искористат кислородот од крвта.
Нормалниот одговор на физичко оптоварување се состои од прогресивно зголемување на минутната вентилација, на ударниот волумен и на потрошувачката на кислород. Пациентот треба да биде способен да го издржи физичкото оптоварување над нивниот анаеробен праг што се утврдува со појава на ацидемија во завршниот дел од тестот. Парцијалниот притисок на кислородот во артериската крв не треба да се намалува дури ни при максимално физичко оптоварување.
Патолошкиот кардиоваскуларен одговор на физичко оптоварување се манифестира со забрзување на пулсот што не е соодветно со степенот на физичкото оптоварување (што може да се должи на недоволна физичка кондиција) или појава на лактатна ацидоза на почетокот од тестот (укажува на срцева слабост или болест на периферните артерии). Патолошкиот белодробен одговор на физичко оптоварување се манифестира со појава на фреквенција на дишењето поголема од 50/минута (обично се сретнува кај рестриктивните белодробни болести), намалена сатурација на хемоглобинот со кислород (кај болестите на белодробниот интерстициум и кај емфиземот), неспособност да се достигне анаеробниот капацитет (кај емфиземот) и појава на опструктивно вентилаторно нарушување по завршувањето на тестот (кај астмата предизвикана од напор).
