Вообичаено, според причините за настанување, односно според видот на нарушувањето на респираторните гасови во крвта, се разликуваат две форми на акутна респираторна инсуфициенција (АРИ): хипоксемична-нехиперкапнична и хиперкапнична-хипоксемична АРИ. Двете форми се разликуваат по причините за настанување, клиничките манифестации и начинот на лекување. Хипоксемичната респираторна инсуфициенција се карактеризира со намалена вредност на парцијалниот притисок на кислородот во артериската крв што настанува поради намален однос вентилација/перфузија (У/С>) со појава на десно-лев шант во белодробната циркулација. Овој тип на респираторна инсуфициенција се јавува кај белодробните болести при кои алвеолите се исполнети со некоја содржина (едемска течност, гној, крв и др.). Хиперкапнија не се јавува кај болестите што доведуваат до овој тип респираторна инсуфициенција, освен во одредени случаи на адултниот респираторен дистрес синдром (АРДС). Од друга страна, во случаите на тешка опструкција на дишните патишта, хиперкапнијата е примарното нарушување на размената на гасови во белите дробови. Се смета дека настанувањето на хиперкапнијата во овие случаи барем во еден дел се должи на хиповентилацијата што се јавува поради зголемениот вентилаторен напор. Хипоксемијата што се јавува при опструкција на дишните патишта обично е лесна и бргу се коригира со примена на оксигенотерапија.
Дали од хипоксемијата или хиперкапнијата ке биде загрозен животот на пациентот зависи од нивното траење и тежина, како и од постоењето на придружни болести.
Акутна респираторна инсуфициенција
ЛекарИнфо редакција8 јули 2026
