Зошто лицето пожолтува по секојдневно пиење сок од моркови?
11 август 2026
Одговара: ЛекарИнфо редакција
Морковот е многу богат со биоактивни супстанции како каротеноиди, фитостероли и диетални влакна, кои имаат значајна улога во зачувувањето на здравјето. Тој претставува природен извор на антиоксиданси со антиканцерогени својства кои можат да превенираат коронарна болест.
Каротеноидите се природни растителни пигменти кои се наоѓаат во клетките на растенијата и им даваат карактеристична жолто-портокалово-црвеникава боја. Најпознати се алфа и бета каротенот, кои се прекурсори на витаминот А. Каротеноидите имаат антиоксидативни својства и сè повеќе се поврзуваат со подобрување на функцијата на имунискиот систем и намалување на ризикот од дегенеративни промени како рак, кардиоваскуларни болести, мускулна дегенерација и катаракта. Сепак, доколку дневните потреби за витамин А се задоволени, телото нема да создава дополнителни количини на овој витамин од каротенот. Тоа значи дека каротенот не може да предизвика интоксикација со витамин А и во тој поглед е безбеден.
Ако се внесуваат големи количини каротен преку исхраната, може да се појави каротенемија, односно жолто-портокалово пребојување на кожата. Оваа појава типично се јавува прво на носот и дланките и честа е кај децата кои внесуваат големи количини моркови. Состојбата е безопасна и претставува само естетски проблем. Штом престане внесувањето големи количини намирници богати со каротени, пребојувањето спонтано ќе исчезне.
Морковот може да се користи свеж, варен или како екстрахиран сок, но треба да се внимава и на енергетската вредност. Домашните свежи сокови можат да бидат многу калорични, особено ако се направени од овошје и зеленчук со многу шеќер. Чаша свеж сок од моркови има скоро 100 kcal, додека половина чаша свеж морков има околу 25 kcal и обезбедува 150% од дневните потреби за витамин А. Истата количина свеж морков ќе обезбеди слични нутриенти како сокот, но дополнително ќе обезбеди и одредена количина диетални влакна. Една оптимална порција би била 125 g варен морков. Препорачливо е да се јадат 5 порции зеленчук секој ден.
Ако морковот се вари, треба да се вари во што помалку течност за да се зачуваат хранливите состојки. За бета каротенот подобро да се апсорбира во организмот, морковот треба да се јаде со малку маснотија, на пример путер или растително масло.
Љубиша Кнежевиќ - нутриционист
Одговорот е преведен и приреден од архивата на ЛекарИнфо и има општ, информативен карактер. Не е совет за вашиот конкретен случај.
Слични прашања
- Што да се јаде, а што да се избегнува кај инсулинска резистенција?
- Како да се добие на телесна маса?
- Каков треба да биде начинот на исхрана кај прекумерна телесна тежина?
- Дали месото е штетно и како да се заменат сладките во исхраната?
- Зошто имам течна столица една година по отстранувањето на дебелото црево?
- Која е правилната хигиена при подготовка на овошје и зеленчук?