ЛекарИнфо.мк — вашиот онлајн лекар

Која е разликата меѓу сончогледовото и маслиновото масло?

11 август 2026
Одговара: ЛекарИнфо редакција
Мастите се неопходна компонента на нашиот организам. Тие се носители на есенцијални масни киселини и растворливи во масти витамини. Одредена количина маст во исхраната (15-25 g масти/масло) ги обезбедува потребните дневни количини на растворливи во масти витамини (А, Д, Е и К) и внес на есенцијални масни киселини. Мастите се извор на енергија и резерва на енергија во масното ткиво (1 g маст има енергетска вредност од 9,3 kcal). Мастите во храната обично се наоѓаат како мешавина од заситени и незаситени масни киселини. Заситените масти се наоѓаат во мастите од животинско потекло. Незаситените масти се поделени во две групи: мононезаситени и полинезаситени. Мононезаситените масти се наоѓаат во маслиновото масло, додека полинезаситените масти (омега-3 и омега-6) се наоѓаат во повеќето растителни масла. Омега-3 и омега-6 мастите се потребни на телото, но телото не може само да ги создава, па затоа е неопходно да се внесуваат преку храна. За да ја вршат соодветната улога во организмот, омега-3 и омега-6 треба да се внесуваат во правилна пропорција: еден спрема четири. Масните киселини како составки на храната го регулираат метаболизмот на холестеролот и имаат различни ефекти врз концентрациите на серумските липопротеини, а преку разни механизми влијаат и на другите познати ризик-фактори за настанување на кардиоваскуларни заболувања, како што се крвниот притисок, хемостазата и телесната маса. Маслиновото масло се состои од 77% мононезаситени (олеинска киселина), 14% заситени и 9% полинезаситени масни киселини. Со таков состав, односно со таков однос на масни киселини, маслиновото масло е идеално за организмот. Видовите маслиново масло се категоризираат според степенот на киселост. Најдобро е ладно цедено масло, добиено без хемиски процес, со низок степен на киселост. Типот „ектра девствено“ се добива со прво цедење и содржи помалку од еден процент киселина. Тоа е најдоброто, најукусно и најскапо масло, со боја од зелено-златна до светло зелена. Колку е бојата потемна, толку вкусот е поинтензивен. За пржење и готвење може да се комбинира маслиново со сончогледово масло, како и маст или путер со маслиново масло. За зачинување салати се користат масла со богат вкус (девствено маслиново масло). Лажица маслиново масло врз салата е составен дел на балансирана и здрава исхрана. Рафинираното сончогледово масло, кое најчесто се користи во домаќинствата, е погодно само за краткотрајна термичка обработка. Во сончогледовото масло само 20% се мононезаситени (олеинска киселина), 11% заситени и 69% полинезаситени масни киселини. На високи температури сончогледовото масло е помалку стабилно од маслиновото, бидејќи содржи околу две третини полинезаситени масни киселини. Иако двата вида масло имаат иста калориска вредност (1 лажица – 120 kcal), маслиновото масло содржи поголема количина на витамини Е и К. Исто така, има повеќе фитостероли (соединенија слични на холестеролот), кои помагаат да се намали вкупниот холестерол, особено лошиот (ЛДЛ) холестерол.

Одговорот е преведен и приреден од архивата на ЛекарИнфо и има општ, информативен карактер. Не е совет за вашиот конкретен случај.

Слични прашања

Назад кон областа: Диететика и исхрана