ЛекарИнфо.мк — вашиот онлајн лекар

Како да се забрза метаболизмот?

11 август 2026
Одговара: ЛекарИнфо редакција
Денес многу често се среќаваме со темата метаболизам - многу луѓе се жалат дека им е забавен и обидуваат на разни начини да го активираат, односно забрзаат, а притоа не знаат како тој воопшто функционира. Метаболизмот наједноставно можеме да го дефинираме како брзина со која телото согорува калории внесени во организмот. Секако треба да се напомене дека организмот троши калории деноноќно, дури и кога спиеме, па затоа е погрешно да се прескокнуваат оброците. Основен фактор кој влијае на нашиот метаболизам е мускулната маса, бидејќи колку повеќе мускули имаме, толку повеќе калории трошиме, без разлика колку сме физички активни и на која возраст сме. Фреквенцијата на исхрана е уште еден фактор што го регулира метаболизмот - колку се подолги интервалите меѓу оброците, толку метаболизмот повеќе се забавува, бидејќи на тој начин телото складира енергија. Затоа луѓето кои јадат еднаш или двапати дневно имаат понизок базален метаболизам од оние кои имаат редовни оброци. Еден од поважните фактори е и начинот на исхрана - гладувањето или наглото намалување на внесот на калории може драстично да го забави метаболизмот. Оброкот кој најчесто се прескокнува е појадокот, а тој е најважен за забрзување на метаболизмот. За добро здравје е многу важно метаболизмот да се активира веднаш наутро, затоа никогаш не треба да се прескокнува појадокот, бидејќи тој не доведува до зголемување на телесната тежина. Потребно е во текот на денот да бидат застапени сите оброци, односно пет оброци дневно - три главни и две ужини, со оптимален размак од 3 до 4 часа меѓу нив. Редовната хидратација, односно внесот на вода, е многу важен фактор, бидејќи дехидратацијата го забавува и нарушува функционирањето на сите системи во организмот, вклучувајќи го и метаболизмот. Препораката е 0,8 ml вода по внесена kcal, што значи дека возрасна личност која внесува 2500 kcal дневно треба да испие најмалку 2,5 литри вода дневно. Просечно, дневно губиме околу 2,5 литри течност преку урина, столица, потење и дишење. При дијареа, повраќање или покачена телесна температура, организмот губи особено големи количини вода и електролити кои треба да се надоместат. Бременоста и доењето се посебни состојби кои бараат дополнителни потреби за течности. Не смееме да ја заборавиме ни хормоналната функција како еден од важните фактори во регулацијата на метаболизмот. Стресот исто така може да го забави метаболизмот, бидејќи создава напнатост и го нарушува функционирањето на системите, а често доведува и до преголемо внесување храна кај луѓето во стресна состојба. Често се тврди дека метаболизмот се забавува по триесеттата година, но всушност е докажано дека причината не е толку во стареењето колку во губењето на мускулната маса поради недостиг на физичка активност. Препораката е со избалансирана и редовна исхрана да не дозволиме таложење на маснотии, а со тоа и забавување на метаболизмот и појава на придружни метаболички проблеми кои се последица на неправилна и нередовна исхрана. Значи, не постои одредена намирница која сама по себе го регулира метаболизмот - неговите вистински регулатори се рационалната, урамнотежена и разновидна исхрана, оптимален внес на вода и редовна физичка активност.

Одговорот е преведен и приреден од архивата на ЛекарИнфо и има општ, информативен карактер. Не е совет за вашиот конкретен случај.

Слични прашања

Назад кон областа: Диететика и исхрана