Дали додатоците во исхраната (суплементите) се безбедни за употреба, особено кај адолесценти?
11 август 2026
Одговара: ЛекарИнфо редакција
За здрав и нормален живот најважно е да се внимава пред сè на исхраната – да се консумира здрава, органска храна и да се избегнува брза храна и енергетски напивки. Компаниите кои произведуваат додатоци во исхраната често се присутни на пазарот со години, а во некои земји зад нив стојат и медицински здруженија. Меѓутоа, во стручната медицинска литература не постојат сериозни студии, спроведени на голем број испитаници и во согласност со етичките стандарди, кои би покажале јасни придобивки за здравјето од овие препарати.
Адолесцентите често посетуваат теретани поради актуелниот тренд на истакнување мускулатура. Сепак, во таа животна доба ниту еден стручен тренер не би требало да препорача додатоци во исхраната како замена за оброк, а ниту една компанија не би требало да нуди на адолесценти суплементи наменети за замена на оброк.
Разновидноста е клучна во исхраната на младите, бидејќи не постои намирница која самостојно може да ги задоволи сите потреби на организмот. Секојдневно се потребни белковини, масти, јаглехидрати, витамини, минерали, антиоксиданти и влакна. Во правилната исхрана, половина од чинијата треба да зафаќаат овошје и зеленчук, половина од внесените житарки треба да бидат од цело зрно, а млечните производи треба да имаат што пониска содржина на млечна маст. Треба да се намали внесот на сол, цврсти масти и шеќер, а наместо засладени пијалаци да се пие вода.
Правилната исхрана вклучува три оброци дневно и две ужинки со овошје. Појадокот е особено важен бидејќи во тоа време е потребна најголема количина енергија за почеток на денот. Примери за намирници: за појадок – свежо овошје, свежо цеден сок, јогурт, кисело млеко, посен бел сир, пилешки гради, цереалии, леб, тост, мед, џем; за ручек – зеленчукова супа, тестенина со сос од домати, печено пилешко месо со варени прилози (ориз, морков, компир), грилуван зеленчук, свежа салата, интегрален леб, лесен овошен колач или овошна салата; за вечера – риба и салата, туна, шопска салата и сирење, кисело млеко, јогурт. Млеко или чоколадно млеко истовремено обезбедуваат вода, белковини, јаглехидрати и калциум, па можат да бидат корисни за рехидратација, изградба на мускулна маса и надополнување на гликоген и минерали.
Најдобро е да се побара совет од лекар – субспецијалист по исхрана, кој ќе даде конкретни и соодветни препораки.
Одговорот е преведен и приреден од архивата на ЛекарИнфо и има општ, информативен карактер. Не е совет за вашиот конкретен случај.
Слични прашања
- Што да се јаде, а што да се избегнува кај инсулинска резистенција?
- Како да се добие на телесна маса?
- Каков треба да биде начинот на исхрана кај прекумерна телесна тежина?
- Дали месото е штетно и како да се заменат сладките во исхраната?
- Зошто имам течна столица една година по отстранувањето на дебелото црево?
- Која е правилната хигиена при подготовка на овошје и зеленчук?