ЛекарИнфо.мк — вашиот онлајн лекар

Што е добар и лош холестерол?

11 август 2026
Одговара: ЛекарИнфо редакција
Холестеролот е неопходен составен дел на организмот, потребен за нормално функционирање на секоја клетка. Тој е структурен елемент на сите клеточни и внатреклеточни мембрани, а во одредени органи има и посебни, специфични улоги, како синтеза на жолчните киселини во хепатоцитите, синтеза на стероидните хормони во кората на надбубрежните и половите жлезди, и транспорт на липосолубилните витамини (А, D, Е и К). Штетното дејство се јавува дури кога е присутен во крвта во значително поголеми концентрации од нормалните. Зголемениот внес на холестерол преку храната влијае на неговата вредност во крвта. Холестеролот во крвта има две фракции, кои се разликуваат по големина на молекулата и по дејството врз организмот. Фракцијата ЛДЛ, познат како „лош холестерол“, претставува градежен материјал за наслаги во артериите. Другата фракција, ХДЛ, познат како „добар холестерол“, го одведува ЛДЛ-холестеролот во црниот дроб каде се разградува. Затоа артериите се побезбедни кога „добриот“ ХДЛ е повисок, а „лошиот“ ЛДЛ е понизок. Преку исхраната може да се постигне поволен однос меѓу ЛДЛ и ХДЛ холестерол и да се намали вкупниот холестерол. Холестеролот е продукт на животинскиот организам, поради што се наоѓа единствено во храна од животинско потекло. Освен што се внесува преку храната, тој се синтетизира и во црниот дроб од заситени масни киселини, што значи дека на нивото на холестерол во крвта влијае и поголемиот внес на намирници богати со заситени масни киселини. Најбогати извори на холестерол се мозокот и жолчката од јајцето (која содржи многу холестерол, поради што лицата со хиперхолестеролемија не треба често да ја консумираат, додека кај луѓе со нормални вредности може да се користи во исхраната), потоа сите внатрешни органи (изнутрици), путер, полномасно млеко и производи од полномасно млеко, мајонез и сосови на база на мајонез, месни производи и животински масти. Пекарски и посластичарски производи што содржат јајца и животински масти исто така се извор на холестерол. Хиперлипопротеинемијата е најчест метаболички нарушувач кај луѓето и најважна причина за атеросклероза и фактор на ризик за коронарна болест, а хиперхолестеролемијата е најопасен предвесник на срцевите заболувања. На зголемувањето на холестеролот влијаат животната доба, генетиката, физичката неактивност, стресот, артериската хипертензија, пушењето, обезноста и неправилната исхрана.

Одговорот е преведен и приреден од архивата на ЛекарИнфо и има општ, информативен карактер. Не е совет за вашиот конкретен случај.

Слични прашања

Назад кон областа: Диететика и исхрана