Пет новогодишни подароци кои не чинат ништо, а ќе ги паметите вечно
Празниците сè повеќе се претвораат во треска на купување подароци која нè обзема до таа мера што го забораваме она најважното, семејните собири, традицијата и дружењето. Сепак, за да ги развеселите вашите најмили со подарок, за вас одбравме неколку креативни идеи кои нема да ве чинат ниту еден денар, а споменот на нив ќе трае вечно. Сè што ви е потребно е малку време и труд.
Цитат од омилената книга или песна
Изберете цитат од омилената книга на вашиот партнер/партнерка или омилениот стих од песна. На парче хартија напишете го со рака и украсете го, или ставете го во рамка која веќе ја имате дома.
За поинтензивен ефект изберете хартија во боја и секако подарокот при предавањето задолжително проследете го со објаснување зошто сте ги одбрале токму тие одредени цитати. Личноста која ќе ја дарувате сигурно ќе биде пријатно изненадена бидејќи ова не е готов подарок од продавница, туку знак на внимание околку кој и тоа како сте се потрудиле.
Пораки на стратешки места во домот
Пораките напишани на хартија, кои стратешки ќе ги поставите на одредени места во куќата се навистина оригинален, забавен и сентиментален подарок. Сетете се на некои заеднички моменти, испишете ги на парче хартија и поставете ги на места за кои знаете дека вашиот партнер/партнерка сигурно ќе ги види.
И едноставната порака како „само да ти кажам дека те сакам“, ќе ве потсети на она што е важно. Прочепкајте во меморијата и сетете се на неколку значајни заеднички моменти, кои преку картичките повторно ќе ги оживеете.
Строго чуван семеен рецепт
Идеалниот подарок кој можете да и го подарите на пријателката, вашата мајка или на вашата ќерка е со рака напишан стар рецепт за колачи кои ви го открила вашата баба и кој претставува слатка семејна тајна. Колачот кој сите го обожуваат, а вие со години не сакате да ја откриете тајната состојка заради која тој десерт е толку посебен. Време е со него да ја развеселите вашата драга личност.
Пишано ветување за преземање на некои обврски
Наместо да купат некој скап парфем или парче облека, партнерите би можеле да ја развеселат својата поубава половина со пишана порака под елката во која се обврзуваат, на пример, еден месец тие да бидат задолжени за чистењето и готвењето на оброците за викендите, кога ручате дома.
Не се сомневаме дека има мажи кои ова често го прават, но официјалното ослободување кое и го подарувате на партнерката, ви гарантира непроценлива насмевка. Жените, пак, би можеле на своите партнери да им направат „купони“ со кои ќе им подарат масажа, омилен колач или нешто друго по избор.
Компилација со омилените песни
И за крај, можеби звучи како клише, но компилација со најомилените песни е подарок кој секогаш ќе испрати порака дека сте се труделе, дека сте блиски и дека не ви е тешко за најсаканата личност да одвоите време и да вложите малку труд. Всушност, откако ќе го отвори подарокот, веднаш можете и да ја преслушате компилацијата со песните уживајќи во заедничките моменти.
Подготви: К. А.
Подготви: К. А.