Се намалува бројот на заболени од грип
Бројот на новозаболени од грип се намалува, а се очекува активноста на вирусот на грип да опаѓа и во наредниот период, соопшти Институтот за јавно здравје.
Во периодот од 31 март до 6 април, пријавени се 297 новозаболени од грип, што е намалувaње од 56,1% во однос на претходната недела.

Со новите 297 пациенти, бројот на заболени од грип во Македонија во сезоната 2013/2014 е 28.525, што е за 18 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Во текот на изминатата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.
Во извештајот на ИЈЗ се наведува дека во февруари се пријавени најголем број на случаи со симптоми на грип – 50,4%, а во првата недела од април – 1 процент од случаите.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на Скопје – 4.053 заболени, а најголем морбидитет е регистриран во Кавадарци.
Дистрибуцијата на заболени и морбидитетот по возрасни групи во сезоната 2013/2014 покажува најголем број заболени во возрасната група од 15-64 години – 65,1%.
Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А (А/H3N2 – 34,2%, A/H1N1 – 17,1%, нетипизирани – 48,7%).
макфакс