ЛекарИнфо.мк — вашиот онлајн лекар

Како се решава пролапс?

11 август 2026
Одговара: ЛекарИнфо редакција
Пупчана кила и пролапс на матка и бешика се две одделни состојби. Пупчаната кила настанува поради слабост во мускулите на предниот трбушен зид, а таа слабост може да се јави поради повреди, дебелина, повеќекратни породувања или по породување, мршавење и слично. Секогаш е потребно да се утврди каква е содржината на килата, за да не дојде до нејзино вклештување, што може да доведе до компликации и до потреба од хируршка интервенција. Хируршкото решавање на килата се состои во поставување на потпорна мрежичка во предниот трбушен зид, која телото ја прифаќа како свое ткиво, па не доаѓа до одбивање. Болничкиот престој обично трае неколку дена, по што се следи состојбата и се преврзува раната, а во тој период не се препорачува вршење тешки физички активности за да не дојде повторно до пукање. Пролапсот на матката во повеќето случаи настанува како последица на растегнување или кинење на врските (лигаментите) при породувањето. Жените кои имале неколку породувања често имаат истегнати или искинати лигаменти и мускули што нормално ја поддржуваат матката во трбушната празнина. Лекувањето обично е хируршко, доколку се исклучат другите можности, односно доколку се утврди дека степенот на пролапс е голем. Во тој случај станува збор за пластична операција на вагината, при која се реконструираат лигаментите и мускулите, а кај жени по менопауза понекогаш е потребно и отстранување на матката и нејзиниот врат (вагинална хистеректомија). Како и по секоја операција, закрепнувањето трае одредено време, при што се препорачува избегнување на тешка физичка работа. Во секој случај, потребно е мислење на хирург и гинеколог за да се утврдат најдобрите опции за конкретниот случај.

Одговорот е преведен и приреден од архивата на ЛекарИнфо и има општ, информативен карактер. Не е совет за вашиот конкретен случај.

Слични прашања

Назад кон областа: Општа медицина