Време е за костени: Еве зошто не смеете да ги пропуштите и оваа сезона
Моќниот и мирисен питом костен претставува вистински природен извор на енергија и здравје, а како таков е сосема неопходен во овие први ладни денови.
Исто така, неговиот близок роднина, дивиот костен, иако не е препорачлив да се консумира, тој е исклучително многу лековит.
Всушност, постојат само два вида на костени – питом костен (Castanea sativa) и див костен (Aesculus hippocastanum). Питомиот костен е тој кој се јаде и кој ги развеселува нашите непца, додека дивиот костен повеќе се користи во медицински цели.
Плодовите на питомиот костен ја прочистуваат нашата крв и го зајакнуваат имунитетот, тешко се варат, но затоа даваат и многу енергија бидејќи содржат многу јаглени хидрати, белковини, шеќери, масти и целулоза. Старите народи ги користеле за јакнење на организмот, додека во средниот век плодовите на питомиот костен се сметале за важна намирница во исхраната. Исто така, познато е дека римскиот цар Цезар наредил да се запалат шумите со костени на подрачјата кои ги освојувал, само за да го уништи основниот извор на храна на локалните жители.
Костенот е исклучително хранлив, бидејќи содржи вредни минерали и витамини како што е магнезиумот, калциумот, калиумот, фосфорот, железото и речиси сите витамини од групата на Б витамини. Плодовите се користат во исхраната на различни начини – варени, печени, како пире, сушени за брашно, како додаток во многу слатки и солени јадења, но и за правење на таканаречен мед од костени.
Листовите од костенот пак се користат за чај. Содржат дури 95 отсто танин, различни есенцијални смоли и витамин К, кој е исклучително важен за сопирање на крварења, бидејќи ги собира крвните садови. Во комбинација со мајчината душица ги лечи проблемите со респираторниот систем, го прочистува организмот, помага при болки во грбот, но и при дијареа.
Медот од костени пак е исклучително хранлив и лековит. Тој го лечи гастритисот и проблемите со варењето, го штити црниот дроб и придонесува за подобра циркулација на крвта.
Што се однесува до дивиот костен, неговите плодови не се јадат, но се користат во народната медицина, како и сите останати делови од дрвото кои се смета дека се лековити, па најчесто се користат за лечење на проблеми со вените и при реума. Дивиот костен содржи есцин (сапонин), кој е заслужен за зацврстување на ѕидовите на капиларите и вените, делува диуретично и антивоспалително, ги намалува отекувањето на лимфните жлезди и помага при кожни заболувања.
Од плодовите е позната таканаречената тинктура за проширени вени, која се користи при проблеми со циркулацијата, при болки во коските, зглобовите и грбот. Цветовите исто така се користат за изработка на тинктура за лечење на ревматски тегоби, гихт, артритис и невралгија, а од пупките се прават и познатите Бахови цветни капки за кои се верува дека помагаат при учењето и за подобра концентрација.
Подготви: K. A.
