Циндриќ: Тешко ми е, Лино ме донесе тука, а сега сите се против него
Средниот бек на Металург, Лука Циндриќ (21) е единствениот играч на клубот, кој минатиот вторник не беше на состанокот со раководството на клубот, кој ракометарите го напуштија, а потоа одбија да тренираат и да отпатуваат на натпреварот со Загреб.
Циндриќ кој беше со хрватската репрезентација, на соиграчите требаше да им се приклучи во Загреб.
Средниот бек во јануари пристигна во Металург на повик на Лино Червар, во момент кога Наумче Мојсовски се здоби со тешка повреда на коленото. Циндриќ доби можност да игра во Лигата на шампиони, укажаната доверба ја оправда, а со добрите игри стигна и повикот во хрватската репрезентација.
„Во незгодна положба сум, многу ми е тешко. Лино Червар ме донесе во Металург, поради него сум тука, а сите играчи сега се против него“, изјавил Циндриќ.
Младиот ракометар е единствениот кој не го потпиша писмото во кое играчите го обвинија Червар за кризата во која западна клубот. Причината е што тој не беше во Скопје, кога останатите играчи со соопштение и се обратија на јавноста.
„Кратко време сум тука за да можам да судам. Не сакам и не можам да влегувам во проценки дали постапија правилно или не“, дополнил Циндриќ.
Инаку играчите на Металург, меѓу кои е и Циндриќ самостојно тренираат, откако клубот ги суспендира сите играчи.
„Се собираме секој ден, тренинзите ги водат најстарите играчи Мојсовски, Димовски и Вугринец. Чекаме расплет на оваа ситуација. Сопственикот е на страната на Червар и не знам како сето ова ќе се заврши“, изјавил Циндриќ.