Таа пати од едно ретко пореметување, но нејзината волја за живот ќе ве воодушеви
Иса пати од Паркес Вебер синдром. 19-годишната студентка од Канада родена е со овој синдром поради кој не може да носи тесна гардероба или да се занимава со спорт. Но, и покрај сите проблеми со кои се сретнува, оваа девојка се труди да ја подигне свеста за оваа ретка состојба и промовира позитивен став кон телото.

Минатиот месец, Иса, чија нога сега тежи 18 килограми, ја освоила титулата на локален избор за Мис.
„Мојата состојба не ме дефинира и не постои начин да ме запре да носам убави фустани или костими за капење. За мене, самодовербата е најважната работа, затоа што кога луѓето ќе видат дека некој има самодоверба, дури и ако има некој инвалидитет, кон него не се однесуваат со сожалување туку му се воодушевуваат“, вели Иса.

Иса верува дека најважната работа за луѓето кои имаат некој здравствен проблем е да работат на тоа да бидат поздрави, како и да се прифатат себе си такви какви што се.
„За мене убавината не е нешто што се гледа само однадвор. Кога ќе кажам дека некој е убав, мислам на луѓето кои прават да се чувствувате убаво во нивно друштво“, вели Иса.

Она што ја предизвикува нејзината состојба е ретка модификација на генот RASA-1, што како последица прави лимфните јазови во нејзината нога да не функционираат како што треба, пишува британски „Метро“.

„Лимфната течност во моето тело оди во мојата нога и затоа што системот не работи како што треба, не се враќа назад, туку останува тука, па поради тоа доаѓа до оток“, објаснува Иса.
Паркс Вебер синдромот исто така предизвикува вишок на крвта, поради зголемениот број на капилари и артерии, што значи дека и срцето работи потешко отколку кај просечните луѓе.

Нејзината мајка Џоан, знаела дека нешто не е во ред веднаш после раѓањето. „Докторите истражуваа, бидејќи состојбата е ретка, и неколку дена подоцна ни ја кажаа првата дијагноза која подоцна се менуваше. Докторите дури не знаеја дали ќе може да оди нормално и до која мера нејзината состојба ќе влијае врз нејзиниот живот“, вели Џоан.
Токму тоа што од Паркс Вебер синдромот пати од раѓање, на Иса ѝ помогнало полесно да се справи со својот проблем.
„Пораснав свесна дека сум поразлична. Кога сум на плажа или на шопинг, луѓето зјапаат во мене. Морав да пораснам побрзо од другите деца и да сфатам дека е нормално луѓето да бидат љубопитни. Обично само им одговарав ’ваква сум родена’. И децата беа љубопитни, но кога ќе им кажев дека сè е во ред со мене, обично си игравме заедно.“
Нејзината мајка е особено горда на Иса затоа што нејзиното девојче никогаш не дошло расплакано од училиште или од игралиште затоа што не можела да направи нешто.
Моментално, Иса оди на масажи кои ѝ помагаат да го намали обемот на нејзината нога. Досега успеала да го намали обемот за 6 сантиметри.
