ЕП: Франција ја декласираше Србија
Ракометарките на Србија претрпеа вистинска катастрофа во натпреварот против Франција, одигран во рамките на Д групата на Европското првенство. Франција ја совлада Србија со 27:16 (11:3) и на коло пред крајот обезбеди пласман во втората фаза.
Србинките очајно го започнаа мечот, со неколку технички грешки, кои Французинките немилосрдно ги казнуваа. Србија првиот гол го постигна во деветтата минута, а до полувремето ракометарките на оваа репрезентација постигнаа уште само два гола.
Натпреварот беше решен во 35.минута кога Франција стигна до предност од 16:4.
Лакрабре со шест голови ја предводеше Франција, во чии редови Дембеле постигна два гола, а два гола постигна и поранешната ракометарка на Вардар Пино. Кај Србија Стоиљковиќ и Рајовиќ постигнаа по четири гола, додека Лекиќ погоди само еднаш.
Во последното коло во Д групата Франција ќе игра против Црна Гора, додека Србија за противник ќе ја има Словачка.
Во Ц групата се одигра натпреварот помеѓу Холандија и Шведска, селекции кои забележаа победи во првото коло. По 60 минути игра на семафорот стоеше резултатот 30:30.
Одем постигна седум гола за Шведска, а Алм и Хагман по пет, додека кај Холандија најефикасна со десет голови беше Полман, а Ван дер Хајден беше стрелец на седум голови.
