Продукти кои го бркаат лошиот здив по јадењето лук
Лукот го намалува ризикот од развој на рак на дојка, дебелото црево, желудникот, грлото и кожата. Исто така, овој производ е корисен за срцето, а неговата тајна е во сулфидите со кој изобилува.
Меѓу другото, треба да знаете дека начинот на приготвување на лукот влијае врз неговите вредности и делотворност. Предностите на сулфидите не можат да се искористат доколку лукот е згмечен и исечкан, а десет до петнаесет минути потоа не е искористен. Лукот кој е купен исечкан ги нуди истите предности, но оној што ќе се испржи, ги губи корисните својства.
Сепак, неговиот впечатлив и интензивен мирис нé наведува да не го консумираме онолку колку што би требало. Затоа нутриционистите ви ги откриваат триковите со кои би се ослободиле од лошиот здив по јадењето лук.
Постојат производи кои го ублажуваат или во потполност го решаваат проблемот со лошиот здив по јадењето лук. Значи, за да не се мачите со денови со непријатниот мирис на лукот, се препорачува да јадете јаболка, суви сливи, праски, спанаќ, босилек и магдонос. Овие продукти се вистински лек за лошиот здив по јадењето лук.
Истражувањата покажале дека храната богата со фенол го отстранува лошиот мирис на сулфурните соединенија во лукот, па за најдобар ефект треба да го комбинирате лукот со еден од овие производи.
Исто така, според најновите истражувања, млекото е можеби најефикасно во отстранувањето на мирисот, особено ако се пие пред или во текот на јадењето лук. Водата во млекото ја испира устата, а дополнителна помош во отстранувањето на лошиот мирис е млечната маст.
Доколку млекото не е добра комбинација со одредена храна, алтернатива е зелениот чај, кој, исто така, може да се пие пред или во текот на јадењето на овој драгоцен производ.
Подготви: К. А.
