Занимливости

Почина ракометната легенда Боро Чурлевски

По долго и тешко боледување почина прославениот ракометар на битолски Пелистер и поранешен репрезентативец на Македонија, Боро Чурлевски.

Богатата играчката кариера Чурлевски ја започна во Пелистер во 1984 година со кој три пати го освојуваше второто место во Првата лига на поранешна СФРЈ во периодот помеѓу 1984 и 1990 година.

Една сезона (1989) помина во Црвенка, за повторно да се врати во Пeлистер од каде во сезоната 1991/92 премина во Тутунски комбинат од Прилеп, со кој ја освои титулата во Втората ракометна лига на СФРЈ.

 По осамостојувањето, кариерата ја продолжи во Борец од Велес со кој во 1993 го освои Купот на Македонија, пред повторно да се врати во матичниот Пелистер, каде во период од 5 години (1994-1999) освои четири првенства и пет титули во купот на Македонија.

Во сезоната 1999/00 играше во грчкиот Килкис, а кариерата ја заврши во црногорскиот тим Ловќен со кој ја освои шампионската титула во Црна Гора во сезоната 2000/01.

Чурлевски има одиграно многу натпревари за репрезентацијата на поранешна Југославија, со која освоил бронзен медал на Светското првенство во Романија 1987. Беше дел од првиот состав на македонската ракометна репрезентација со која учествуваше на ЕП во Италија во 1998 и СП во Египет наредната година.

Чурлевски своевремено важеше за еден од најдобрите централни бекови, а актуелната ракометна ѕвезда Наумче Мојсоски има изјавено дека токму Чурлевски му бил идол. По стапките на Боро Чурлевски тргна и неговиот син Филип, кој веќе шест години со успех настапува за првиот тим на Пелистер.

Тренерската кариера ја започна во Пелистер, а работеше и во грчкиот Килкис, косовските Кастриоти и Беса, во женската екипа на Патра и во Либија, а смртта го затекна на тренерското место на прволигашот Прилеп.

Read Full Article

Related Articles

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button