Пробиотиците ја подобруваат психичката состојба
Пробиотиците можат да го подобрат психичкото здравје, бидејќи имаат улога во создавање, апсорпција и транспорт на неврохемикалии, меѓу кои се серотонинот и допаминот.
Лактобацилите и бифидобактериите исто така се пробиотици кои се наоѓаат во јогуртот, а познато е дека помагаат на нормалната флора во цревата, го јакнат имунитетот и спречуваат инфекции со „лоши“ бактерии.
Истражувачите на Универзитетот во Тексас кон овој список додаваат уште една придобивка, а тоа е дека пробиотиците можат да ја подобрат психичката состојба, бидејќи имаат значајна улога во создавање, апсорпција и транспорт на неврохемикалии – серотонин, допамин и фактор на нервниот раст, кои се клучни за развој на здрав мозок и нервни функции.
Тие, исто така укажаа на тоа дека ако се подобри микрофлората во цревата, овој чекор би можел да биде од помош во лекувањето на пореметувањето на здравјето на психичката природа.
Инаку, денеска лекувањето на психичките нарушувања како што се депресија или пострауматско пореметување (ПТСП), главно се потпира на користење лекови чија цел е обновување или реактивирање на неврохемикалиите во мозокот.
По ова откритие, експертите би можеле да вклучат терапија со пробиотици како алетрнативна опција.
Иако истражувањето е прелиминарно, експертите сметаат дека нивната идеја би можела еден ден да заживее како битен дел од клиничката практика, а дотогаш нивниот следен чекор би бил да утврдат кои соеви пробиотици влијаат на психичките функции.
Подготви:Б.В.