Играчите на Металург: Червар е виновен за кризата
Ракометарите на Металург не отпатуваа за Загреб, каде денеска требаше да го одиграат натпреварот од шестото коло во регионалната СЕХА лига. Натпреварот е откажан, а раководството на СЕХА лигата дополнително ќе решава дали и какви санкции ќе има кон Металург.

Со овој последен настан само кулминираше кризата која е присутна во клубот во изминатиот месец. Вчера ракометарите од првиот тим, најпрвин имале состанок со раководството и тренерот, а откако истиот завршил тие решиле да не се појават на тренингот и да не патуваат на мечот во Загреб.
Иако последниот месец се шпекулира дека главниот проблем во клубот се финасиите, односно дека играчите од мај годинава не примиле плата, според ракометарите, главен виновник за незавидната положба во која се најде клубот е тренерот Лино Червар.
Играчите од првиот тим на Металург по случувањата во вторникот решија на јавноста да и се обратат со соопштение што го пренесуваме во целост.
„Почитувани љубители на ракометот, и на спортот воопшто, и наши верни навивачи,
Имаме обврска и потреба да ве запознаеме со најновите настани во нашиот клуб РК Металург. Од вчерашниот ден сите играчи на клубот РК Металург повеќе не одат на редовни тренинзи, од причина што сме длабоко разочарани и огорчени од начинот на кој со нас се однесува раководството на клубот, заедно со тренерот Червар, и состојбата трае веќе еден период и која за нас претставува голем проблем, а нема никаква врска со финансиската состојба во која се наоѓа клубот.
Малкумина се запознаени со односот на тренерот кон нас, кој постојано го омаловажува нашиот учинок во клубот, како и сето она што досега сме го постигнале, дури и во најтешките ситуации и наш впечаток е дека негов интерес не е ниту Металург, ниту ние како играчи, ниту пак нови домашни кадри, туку свој личен интерес, а тоа е што подолго да се остане во клубот по секоја цена, притоа без никаква емоција кон спортот, клубот или играчите.
Од август оваа година сите почнавме со нови сили, ентузијазам и еуфорија дека оваа сезона, како и минатата, повторно ќе бидеме едни од најдобрите во Европа, неприкосновени во Македонија, и дека повторно ќе носиме радост и задоволство на сите луѓе што се радуваа на нашите успеси. Меѓутоа, уште на почетокот на сезоната нашиот тренер почна со некои нови концепти, нејасни за никого, освен веројатно за него, кои самиот решил да ги спроведува по секоја цена, на која краен исход е само сопствена егзистенција во клубот.
Го поздравивме неговиот напор да се засили екипата со уште нови играчи бидејќи минатата сезона беше многу напорна и реално требаа уште играчи за да може да се издржи истото темпо. Но, концептот да се уништат оние со кои досега беа постигнати едни од најдобрите резултати во клубот не е во ред, особено што повеќето се домашни играчи кои со срце и душа играат за клубот.
Одговорно тврдиме дека повеќето натпревари кои досега ги изигравме, а кои ги изгубивме, лесно можеа да се добијат, но од нејасни причини тренерот и раководството правеа нарационални потези, поради кои ние не бевме во можност да победиме. Како на пр. оставањето на Станиќ и Атман во Скопје за натпреварот со Брест, а кои по тој натпревар сè уште беа членови на клубот, чудни потези и негово нетипично однесување на натпреварот во Загреб каде што реално можевме да си отидеме како победници.
Токму затоа, не чудат ваквите постапки на тренерот бидејќи сите ние сме во клубот, и во спортот воопшто, со една цел, а тоа е секогаш да одиме на победа и да се искористи максимумот кој го поседуваме, а тоа често пати оваа сезона не беше случај.
Како некој намерно да сака да губиме, само за да се омаловажи квалитетот на одредени играчи. Меѓутоа, тажно е што вложуваме толку труд, а изгубеното тешко може да се надомести.
Наше мислење беше дека сè уште може да се спаси оваа сезона, што беше секако и наша најголема желба, меѓутоа, со ваквите потези и размислување стана невозможно.
Од страна на тренерот постојано има желба за раслојување на играчите, со постојани перфидни игри кои неуморно секојдневно ги игра, а наша желба е само да бидеме еден тим кој заеднички ќе функционира со иста цел.
Сакаме уште еднаш да кажеме дека последните изгубени натпревари немаат никаква врска со финансиската ситуација на клубот, бидејќи ние секогаш се бориме за победа, платени или неплатени, туку само со тенденциозно водење на кадарот со цел да се изгуби, со стратегија и план кои немаат никаков резон.
Не сакаме да се откажеме од она што сме го создале тука, ниту пак ќе дозволиме одредени личности да тврдат дека како Македонци сме лесни за манипулација. Досега молчевме од причина што сме воспитани и бевме лојални на клубот, меѓутоа, последната состојба беше неиздржлива за сите играчи, млади, стари, домашни и странски, па токму поради сите заедно се решивме на ваков радикален чекор.
Што се однесува до спонзорот Јорданов, ние баравме директна средба со него мислејќи дека тоа и сме го заслужиле бидејќи најчесно си ја извршувавме својата работа. Досега бевме толерантни во однос на финансиите, но условите за работа со раководството и тренерот станаа невозможни за сите“.