Д-р Катерина Кикерковска советува: Последиците од ‘Ледениот предизвик’ можат да бидат фатални!

Ако погледнеме наназад во историјата, полевањето со студена вода или пливањето во студена вода и не е нешто ново. Кај многу народи постоеле традиции за пливање во студена вода среде зима. Постоела и традиција во Американскиот фудбал за полевање со ледена вода на победничкиот тренер како победничка церемонија. Многу физикални терапевти аплицираат мраз на повредени делови од тело за да превенираат отекување. Студените бањи се и дел од еден поширок феномен познат како криотерапија, каде ниски температури се употребуваат терапевтски.
Меѓутоа има многу малку научни студии во светот за ефектот на ледената бања на човековото тело.

На 22 август 2014 година, Д-р Брајан О’нил, од Медицинскиот Центар во Детроит, предупреди за опасностите од таканаречениот – СТУДЕН ПРЕДИЗВИК- кој стана многу популарен ова лето.
– ICE BUCKET CHALLENGE може да има негативни последици по здравјето на учесниците, првенствено бидејќи индуцира вагален одговор на автономниот нервен систем, при што може да доведе до губење на свеста, посебно кај луѓе кои земаат лекови за крвен притисок. Најмалку еден смртен случај се поврзува со овој предизвик.
Таквиот одговор на нервниот систем се нарекува вазовагална епизода или неврокардиогена синкопа. Предизвикана е од индукција на n.Vagus, а индукцијата е всушност експозицијата на студена вода со мраз во овој случај.
Пред да настапи губење на свеста(синкопа), се јавуваат продромални знаци или знаци на предупредување, како гадење, препотување, зуење во уши или тинитус, непријатно чувство во градите, конфузија, визуелни пречки со црни дамки во видното поле, чувство на нервоза. Симптомите траат неколку секунди пред да се загуби свеста, што најчесто се случува кога лицето стои или седи. Опасност постои да при падот лицето се повреди.

Првата помош е да се постави лицето во хоризонтална положба со елевирани или поткренати нозе за да се подобри циркулацијата во мозокот.
Потенцијални опасности од ова изложување на екстремно студена вода со мраз има, тоа претставува шок за организмот и може да им наштети особено на пациентите со срцеви проблеми – вели д-р Катерина Кикерковска за Точка.
Затоа треба многу внимателно да се разгледаат предностите и негативните последици на овој предизвик, а посебно да се обрне внимание на опасноста по здравјето што тој може да ги донесе.
