ОД ТЕФТЕРОТ НА БАБА: Со чаеви против настинка
(Фото: Foter) Кога времето се менува и особено кога температурите нагло паѓаат, настинките стануваат зачестена појава. Според некои истражувања во преодниот период од есен кон зима, од настинки страдаме барем еднаш месечно.
Го отворивме тефтерот на баба и ги избравме чаевите што помагаат симптомите на настинка да се ублажат, но и да се отстранат – чај од цвет од црн слез, од цвет на бозел и чај од липа.
Фото:superbwallpapers.com
За да се постигне оптималното дејство на лековитите својства на чаевите доволно е во 2,5 дл зовриена вода да се додадат две супени лажици од овие чаеви, посебно или во комбинација и да се остават да отстојат покриени 10 минути. Се препорачува чајот да се процеди и да се пие додека е топол, трипати на ден, секгаш свежо приготвен, за да се искористат до максимум сите лековите својства.
Овие чаеви имаат и антибактериско и противвоспалително дејство, па се одлични за настинките и други благи инфекции на дишните патишта.
Издвоивме уште два чаја за кои е познато дека помагаат во борбата против настинката, особено кога се зафатени дишните патишта – чај од корен на бел слез и чај од морач.
Фото:dreamstime.com
Морачот најмногу се препорачува при воспаление на горните дишни патишта и тој има антибактериско дејство и го олеснува искашлувањето на шлајмот што се собира. Истото дејство на смирување на воспаленијата на слузокожата го има и чајот од корен од бел слез, но тој повеќе се препорачува за брзо дејствување кога постои сува и долготрајна кашлица.
Чајот од корен од бел слез не треба да се вари. При варењето, односно кога доаѓа во контакт со многу топла или врела вода ги губи своите лековити својства. За да се избегне тоа и да се искористи до максимум благодатта на овој чај, треба да се подготви на следниот начин:
Прелијте две лажици корен од бел слез со 2,5 дл млака или ладна вода и оставете го да отстои така барем еден час, а идеално е два часа за да може да испушти доволно слуз. Откако отстојал можете малку да го загреете, да додадете мед и да го пиете три пати на ден.
Фото:lifestylenatural.com
Чајот од бел слез може да се употреби и за испирање на носот – 1 до 2 капки трипати на ден. Овој рецепт е многу ефикасен при затнат нос, а доволно е благ, така што може да се употреби и кај бебињата.
Во случајот со бебињата и со малите деца, доколку одбиваат да им се стават капки, можете да употребите шишенце од спреј за нос или, пак, да натопите памукче и да ја поминете со памукчето внатрешноста на носето.
(Ј.Ѓ./Телеграф.мк)