Червар: Вардар – Металург некогаш беше најголемото балканско дерби
Металург и Вардар утре (20:15 часот) ќе го одиграат вториот меѓусебен дуел оваа сезона, и тоа во рамките на СЕХА лигата. Првиот меч, одигран во септември му припадна на Вардар со 27:21, кој и на оваа пресметка, како што велат од Металург – е фаворит.

Инаку двата тима пред мечот имаат здравствени проблеми, Вугринец и Јоноски се неизвесни за овој меч кај Металург, додека Вардар ќе игра без Лацковиќ и најверојатно Карачиќ.
„Ова до пред неколку месеци беше најголемото дерби на Балканот, но сега работите малку се изменија. Вардар има добар моментум, имаат добри шанси да постигнат добар резултат во Лигата на шампиони. Тоа е противник кој отсекогаш сум го почитувал. Тие во овој момент се наоѓаат во подбра положба од нас, имаат добар тим иако како што разбрав имаат проблеми со повредени играчи, со Лацковиќ и сега со Карачиќ“, рече на прес-конференцијата тренерот на Металург, Лино Червар.
Поради сите проблеми коишто ги има, Червар напомна дека шанса за настап во дербито ќе добијат и некои од помладите играчи, исклучок е само Нелоски кој на мечот со Мешков ги истегна лигаментите на коленото и кој ќе мора да одмора десетина дена.
„Јоноски има проблеми со зглобот, тој на своја иницијатива играше во саботата против Брест Мешков. Во понеделникот тој воопшто не тренираше, а докторот му препорача дека за него ќе биде добро да го скокне мечот со Вардар. Исто така, не тренираше ниту Вугринец, тој има проблеми со дланката. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите по последниот тренинг, тогаш ќе знаеме со кои играчи ќе му се спротивставиме на Вардар“, дополни Червар.
По мечот со Вардар, Металург ќе одигра уште две средби во СЕХА лигата, против Веспрем во Скопје и во среда против Раднички во Крагуевац.