Червар му ја препушта фаворитската улога на Вардар
Големите ракометни ривали, Вардар и Металург, утре ќе го одиграат првиот меѓусебен дуел оваа сезона. Четвртфиналистите во Лигата на шампиони во минатата сезона ќе го одиграат дерби мечот во рамките на второто коло во регионалната СЕХА лига.

Во пресрет на натпреварот, од таборот на Металург улогата на фаворит му ја препуштаат на противникот.
„Ова ќе биде натпревар како и секој друг. Но ќе биде интересен и убав предизвик и за екипите, и за публиката. Вардар е тим за кој треба убаво да се зборува. Без разлика што го совладавме во Струга, тој е во улога на фаворит оваа сезона“, изјави за клупската интернет страница тренерот на Металург, Лино Червар.
„За нас овој натпревар ќе биде добра проверка пред настапите во Лигата на шампионите, како за поискусните играчи, така и за помладите, кои ќе имаат уште една можност да се пробаат против силен противник. Ќе направиме добра комбинација и сите ќе имаат корист од оваа средба“, додава Червар.
Натпреварот меѓу Вардар и Металург ќе се одигра утре (20:15 часот), во СРЦ Кале.
