Прошетките во природа – чувари на вашето здравје
(Фото: diabetesblue.co.za) Денес е Ден на спонтано патување – „јавнете“ го велосипедот или излезете на прошетка. Издвоивме неколку наоди од универзитетски истражувања кои ги истакнуваат ефектите на прошетката врз вашето здравје и добросостојбата.
Според едно британско истражување, прошетката надвор, во парк или во природа ја намалува анксиозноста. Дури и да трае само неколку минути, таа ќе ги намали стресот, лутината и депресијата, истакнуваат истражувачите.
градски парк (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)
Една друга студија од Универзитетот во Илиноис истакнува дека луѓето што три пати во неделата излегувале на 45-минутна прошетка имале повисоки скорови на тестот за способности одошто оние што правеле само вежби за растегнување.
Истражувањето на Универзитетот „Ексетер“ посочуваат дека вежбањето, а со тоа и прошетката, го зголемува бројот на ендорфини, а тоа помага да се намали апетитот.
градски парк (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)
Националната фондација за спиење на САД наведува дека лицата што редовно шетале почесто известувале за подобар сон и општо земено подобро спиеле споредено со лицата што не пешачеле редовно. Движењето поволно влијае врз енергетското ниво во текот на денот, што повратно прави полесно да се спие навечер.
Фото: Телеграф.мк / Тоше Огњанов
Според Националниот институт за здравје во САД, секојдневната прошетка во времетраење од 30 минути може превентивно да дејствува во однос на срцеви удари, мозочни удари и дијабетес. Вежбањето прави мускулите да се поосетливи на инсулин, а тоа помага да се движи глукозата низ крвотокот. Редовните прошетки и вежбање исто така поволно влијаат и врз крвниот притисок, ја подобруваат циркулацијата на крвта и помагаат да се зголеми нивото на добриот ХДИ-холестерол.
Па затоа не двоумете се, излезете на прошетка и направете го тоа ваша дневна рутина!
(Телеграф.мк/Извор:Менсхелт.ком)
