Како телото нè предупредува дека лошо се храниме?
Поради брзиот и стресен начин на живот, тешко е да се забележат суптилните знаци со кои телото се обидува да ни соопшти дека нешто не во ред. Тоа ни праќа разни пораки кои обично ги игнорираме или посегнуваме по непотребни лекови и по инстант решенија, а без да размислуваме за коренот на проблемот.
Човечкото тело, сметаат експертите, многу рано почнува да покажува симптоми дека нешто не е во ред и дека не се грижиме доволно за себе.
Најчесто се уништуваме со лоша исхрана, недоволно движење, но и со стрес.
Лош квалитет на косата. Испуканите врвови, опаѓањето на косата, премногу мрсната коса и првутот се знаци дека лошо се храниме и дека на организмот му недостигаат протеини, здрави масти, железо и цинк, како и витамин Ц. Косата меѓу првите почнува да испраќа порака дека лошо се храниме.
Прерано стареење. Стареењето никој не може да го одбегне, но може прераното стареење. Сушењето на кожата и појавата на брчки понекогаш се случува порано бидејќи не јадеме доволно овошје и зеленчук, а на нашиот организам му недостигаат витамините А, Ц, Д и Е, како и каротеноиди и флавоноиди.
Лоша состојба на усната празнина. Воспаление и крвавење на непцата, често крвавење на забите, нивно паѓање и промени на јазикот, укажуваат дека во храната имаме премногу нездрав шеќер. Можеби не јадеме секој ден слатки, но консумираме сокови и останата храна за која не знаеме дека содржи шеќер. Таквиот начин на исхрана неминовно доведува прво до проблеми во усната празнина, а потоа и до посериозни проблеми.
Бавно зараснување на раните. И бавното зараснување на раните упатува на недостиг на хранливи материи во организмот. Организмот нема сила да го заздрави ткивото, му треба повеќе време за закрепнување и тешко се бори со инфекциите.
Брзо слабеење и дебелеење. Каква било драстична промена на телесната тежина е знак дека сме во целосна нерамнотежа во поглед на исхраната, а истражувањата покажуваат дека тоа со тек на времето доведува и до карцином.
Проблеми со концентрацијата и памтењето. Ако забележите дека често заборавате работи, лошо памтите и тешко се концентрирате, веројатно исхраната ви е сиромашна со омега-3 масни киселини, кои се потребни за здраво функционирање на мозокот.
Замор и исцрпеност. Повеќето луѓе се жалат на симптоми на замор и исцрпеност, а токму тоа се првите знаци дека лошо се храниме и му штетиме на организамот. Проблемот може да се реши само со воведување во исхраната на здрави производи, редовно вежбање и квалитетен сон.
Подготви: К. А.
