Ситници кои можат да ви го спасат животот: Како да возите по снег и мраз
Снегот ја завеа Македонија и регионот, а надлежните советуваат без зимска опрема да не се тргнува на пат. Ви донесуваме и неколку совети кои ги препорачуваат надлежните служби.
На пат не тргнувајте без зимска опрема
Зимската опрема ја сочинуваат зимски гуми, или пак радијални гуми со длабочина на шарите најмалку четири милиметри, како и синџири кои по потреба се монтираат.
Не е лошо за зимските услови за возење да понесете и лопата, малку песок, метличка за чистење на стаклото, спреј против замрзнување на стаклото, спреј за бравите.
Пред да го стартувате автомобилот во зимските денови задолжително прво треба да го исчистите снегот и мразот од покривот и од стаклените површини, да го проверите апаратот за греење, секогаш резервоарот треба да биде наполнет со гориво, бидејќи во случај на застој на патот ќе можете да се греете.
Кога има снег и мраз на патиштата, најдобро е да возите под мал гас и во понизок степен на пренос. Најбитно е да не правите нагли движења со воланот или сопирачката, ако е потребно да се намали брзината, треба да кочите со моторот, односно да го уфрлите во понизок степен на пренос, внимателно возилото да не се занесе. Во тие моменти заборавете на ножната сопирачка, посебно кога возилото има задно влечење.
При возењето по длабок снег, треба управувачот да се држи право така што предните и задните гуми да имаат ист правец на движење. Ако автомобилот „шлајфуфа“ треба да се обидете со движење наназад, а ако тоа не успее тогаш под гумите треба да ставите песок, гранки, крпи и сл.
СОВЕТИ
Доколку во зимски услови останете на патот поради дефект или застој на патот, а немате доволно гориво, ќе ви помогне обична свеќа која температурата во автомобилот ќе ја крене и до 10 Целзиусови степени.
Пред да залади, во бравичките на автомобилот ставете глицерин со помош на пипети или стар шприц за инјекции.
Навечер повлечете го саугот, наутро полесно ќе го стартувате автомобилот, но не тргнувајте истиот миг, бидејќи дури после 10-тина секунди ќе се создаде доволен притисок маслото да стаса до сите места за подмачкување.
Подготви: К. А.

