Занимливости
Домашна визита на децата со аутизам
Ќе се зајакне улогата на домашната визита на деца со аутизам, која ќе ја спроведуваат дефектолозите, за што е предвидено спроведување интензивна обука за дефектолозите.
Ова е заклучокот по посетата на тимот од четворица врвни доктори и професори од Центарот за истражување и третман на аутизам во рамки на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), САД, ги обучуваат македонските доктори и психолози во областа на аутизмот.
Тимот предводен од професор доктор Кони Касари континуирано ги обучува македонските доктори за примена на најсовремените методи за третман на деца со аутизам, преку изучување на програми кои се применуваат во повеќе земји во Европа и светот, меѓу кои: ABA, JASPER, SPACE и други. Дел од едукацијата тимот ја спроведува преку видео-конференциски врски, или таканаречениот метод на webinar.
Тимот со министерот за здравство, Никола Тодоров, разговарал за потребата од воведување програма за рано детектирање и третирање на деца со аутизам, по примерот на американскиот модел на ваква програма. Целта е да се обезбеди третман за овие деца од најмалку 20 часа неделно, што ќе претставува голем чекор во насока на унапредување на состојбата од најраната возраст на децата со аутизам, чиј третман моментално се сведува на неколку часа неделно.
Обуките од врвните експерти од областа на аутизмот се спроведуваат во пресрет на формирањето на Центар за аутизам, како дел од
проектите на Владата на Република Македонија за периодот 2014 – 2018 година. Согласно Програмата, предвидено е Центарот да биде формиран во 2017 година, со цел вршење рана дијагностика и третман на лица со аутизам од специјално обучени доктори и психолози, со примена на мултидисциплинарен пристап.
Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA) во 2014 година е рангиран на деветтото место на најдобрите универзитети во областа на медицината, согласно Шангајската листа на најдобри универзитети во светот. Тимот на доктори од овој универзитет соработува и со престижната организација со седиште во САД, Autism speaks.
Подготви: Б.И.
Печати
