Љубов и секс

Овие гости не ги сакате на вашата свадба

Се решивте да стапнете на лудиот камен, ги израдувавте пријателите, роднините, соседите. Доаѓа време за денот на венчавањето и неизбежната свадба. Ја планирате со месеци, внимавате на секој детал, избравте музичари, фотографи, украсувачи, сè е на место и време е гостите да дојдат. Токму тогаш настапува кошмарот. Колку и да планирате, однесувањето на гостите не можете да го предвидите.

Постојат неколку типови гости кои на овој или оној начин ќе ви ја упропастат свадбената веселба и сигурно не ги сакате и кај вас на свадба.

Несоодветно облечени

Овие секогаш ги има, не можете да ги вратите назад. Претежно се млади и не ги интересира дали тргнале на свадба или се спремиле за рок-концерт или, пак, по свадбата ги чека настап во стриптиз-клуб, па решиле да се појават со истата облека како за танц на шипка.

(Фото: sadanduseless)

(Фото: sadanduseless)

Роднина кој никогаш претходно не сте го виделе

Ова е особено често кај оние што имаат големи фамилии. Тетки, внуци, дедовци, баби, колку и да не сте ги виделе никогаш до тогаш, тие за ништо на светот нема да ја пропуштат вашата свадба. А впрочем и не оди да не ги поканите, да им замерат на вашите родители. Сестрата на дедо Миле, дошла со ќерката и нејзината братучетка, која, пак, ги донела и синовите кои се веќе на ваша возраст.

Таа што ќе сака да ве засени

Тоа се најчесто скоро омажени девојки, кои сметаат дека нивната свадба била нешто најубаво што се случило, па свесно или несвесно, ќе се потрудат да ви свртат внимание и кон најситни детали кои, според нив, требало да бидат подобро испланирани. Не чудете се ако ви речат: „Убаво е местово, ама мораш да признаеш дека тоа моето беше совршено“. Трудете се ова да не ве изнервира.

Секси танчар

Иако нема поим од танцување, тоа не го спречува да игра и сам со себе на подиумот додека во заднина оди некоја балада од оркестарот. Сепак, опуштете се, овие гости знаат да им бидат и многу забавни на присутните.

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Советувачи

Колку и да ги избегнувате, тие никнуваат насекаде. Иако ништо не сте побарале од нив, тие се тука да ви дадат совет како треба да се однесувате на свадбата, дека треба да сте прибрани, да не му се „покорувате“ од прва на вашиот иден сопруг. Најчесто тоа се тетки, од кои некои имаат и по еден или два пропаднати бракови зад себе.

Случајно опијанети

Тоа е најчесто ваша другарка, која вообичаено никогаш не пие, но токму на вашата свадба се решила да испие дури две чаши вино. Во првиот миг ја гледате сосема трезна, а додека да се завртите таа е веќе дрво пијана и игра и се гушка со сите. Некогаш го грабнува и микрофонот и почнува да пее некоја балада што ја претвора во фалширана панк-дисторзија.

Груман мрчатор

Тој се фали дека е цар во кујната, па нема да одолее да не проба од секое јадење што се служи вечерта. Секако, ниту едно нема да му се допадне. Некое ќе биде недоволно испржено, друго недоволно крцкаво, а на трето ќе му фали вкус на цимет или аранија.

(Фото: Foter)

(Фото: Foter)

Другарот со нов скап фотоапарат

Неодамна тој купил нов, профи фотоапарат. Го платил којзнае колку и мисли дека е веќе професионалец, а не знае како функционира. Ќе морате да стои мирно петнаесетина минути додека ја направи вашата „уметничка“ фотографија, но само уште да открие каде е копчето за сликање.

Ненајавен говорник

Звукот од лажичето кое удира во стаклената чаша е најмалку што сакате да го чуете во миг кога тоа не било планирано. Некој ваш пријател толку се напил, што и оние невкусни детали за вас и вашиот избраник нему ќе му бидат интересни и ќе ги издрдори пред сите. Се смешкате, но горите од желба земјата да го голтне.

Згоден келнер

Тој ќе им биде мета на вашите другарки кои се сингл. Некои од нив ќе му порачуваат и по неколку пати иста пијачка, само за да биде во нивна близина и да поразговараат со него. За тоа време, другите гости ќе чекаат со празни чаши.

(Фото: cafe.ba)

(Фото: cafe.ba)

Братучетка која неодамна раскинала

Таа раскинала со момчето со кое била во врска повеќе години. Вашата свадба е одлично место да си најде нов партнер, па ќе почне да се нафрла на секој што ќе ѝ се види поинтересен. Добро е ако се задржи само на оние што се сингл.

Неочекуван пар

Вашата екстра-згодна другарка на крајот од вечерта ќе заврши со некој ваш роднина, кој и не е толку симпатичен, а и самиот не е свесен како успеал да ја „смува“. Не чудете се, тоа е магијата на свадбите, а и на алкохолот.

Кралица на подиумот

Нејзе не ја интересира што не е во дискотека, туку на венчавка. Кога ќе ја слушне омилената песна, таа ќе го расчисти подиумот и на сите ќе им покаже како се игра.

(Фото: topnews.ae)

(Фото: topnews.ae)

Тој што сите го озборуваат

Тоа може да биде некој од вашите другари, кој неколку дена пред свадбата ја „смувал“ старосватцата, па ѝ го скршил срцето. Или, пак, другарка која е исклучително атрактивна и згодна, па и поприлично разголена. Во секој случај, ќе се најде некој од гостите кој ќе биде мета на озборување.

Непознат лик

Тој ќе се појави пред крајот од вечерта. Кој е тој, дали е воопшто поканет. Но, што е тоа битно. Сега сте веќе венчани и уживајте во бракот.

(Телеграф.мк)

Related Articles

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button