Пет нешта за кои најмногу жалиме на крајот од животот

Брони Вер, Австралијка која работела како медицинска сестра на приватна нега, односно водела грижа за смртно болните луѓе во текот на последните недели од својот живот, низ разговорите со своите пациенти дознала поради што поголемиот дел од луѓето жалат на крајот од животот, а крајниот заклучок е дека овие нешта најчесто кај сите луѓе се неверојатно слични.

Токму овие нејзини сознанија ја инспирирале да ја напише книгата “The Top Five Regrets of the Dying: A Life Transformed by the Dearly Departing”, а во продолжение погледнете за што луѓето најчесто жалат кога се на смртна постела.

1. Сме го живееле животот според желбите на другите
Според авторката на книгата, станува збор за апсолутно најчестата причина за жалење на крајот од животот. Така, таа објаснила дека кога луѓето ќе сфатат дека им останува уште многу малку време и кога ќе размислат за се што поминале, тие лесно гледаат колку соништа им останале неостварени поради изборот кој во животот го направиле, односно не го направиле. Здравјето ни ја дава слободата за која ретко сме свесни, се додека истата не ја изгубиме.

2. Премногу работиме
Станува збор за нешто што им е својствено пред се на машките пациенти, кои поради посветеноста на работата или едноставно потребата на своето семејство да им обезбедат средства за живот, останале заробени во бескрајните работни часови, го пропуштиле растењето на своите деца и ја изгубиле блискоста со партнерот.

Секако, не се поштедени ниту жените кои што им се посветиле на своите кариери или пак оние кои биле принудени да бидат главен извор на егзистенција за своите семејства.
3. Не сме имале храброст да ги искажеме чувствата
Многумина во животот ги потиснуваат своите чувства за да го сочуваат мирот во односот со другите луѓе. Резултатот би бил живот преполн со гнев, во кој никогаш не станале она што навистина луѓето можеле да бидат. Поради огорченоста и незадоволствата кои оттаму произлегувале, многумина на крајот се разболеле поради овој емоционален товар.

4. Сме го изгубиле контактот со пријателите
Вистинската вредност на старите пријателства многумина ја забележуваат дури во последните недели од својот живот. Заробени во сопствениот живот, во текот на годините тие дозволиле големите пријателства да се уништат, а многумина длабоко жалат што на пријателствата не им ги посветиле трудот и времето кои што ги заслужувале. Крајниот заклучок е дека на смртната постела, старите пријатели на сите им недостасуваат.

5. Не сме си дозволиле да бидеме среќни
Ова е нешто за кое што луѓето неверојатно често жалат. Многумина се до самиот крај не сфаќаат дека среќата претставува избор. Заробени во општоприфатените модели на однесување и во своите навики, луѓето дозволуваат “комфорот” од рутината да завладее со нивниот физички живот и емоциите. Стравот од промени ги наведува пред другите и пред себе да велат дека се задоволни, додека длабоко во себе луѓето копнеат по искрена насмевка и спонтана радост, па и по малку лудост.

“Моите пациенти беа луѓе кои беа пуштени од болницата за да можат да умрат дома и со нив споделив некои навистина неверојатни моменти. Соочени со сопствената смрт, луѓето одеднаш созреваат, а дел од овие промени се феноменални. Како што може и да се очекува, сите се соочуваат со различни емоции. Жалење, страв, гнев, повторно каење, се додека на крајот не пристигне прифаќањето”, истакнала Вер, која додал дека сите пациенти наоѓаат мир во последните моменти, пред да го напуштат овој свет.


