Љубов и секс

ДЕБАТА: Хелена Роза простува сексуално неверство, Бетмен Велит не го оправдува

Можам да го простам сексуалното неверство, авантурата за една ноќ, но не и ако осетам дека мојот сопруг, партнер ме изневери како личност, ако ме изневери мене самата и ако ја изневери нашата љубов. Тоа би ме болело многу повеќе отколку да биде неверство за една, две или три ноќи. Тоа би го простила, но она другото неверство е поболно.

Ова беше ставот на старлетата Хелена Роза на дебатата посветена на неверството што се одржа на Саемот на книгата, во рамките на промоцијата на книгата „Во канџите на неверството“ од Тес Стимсон, објавена во издание на „Култура“.

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

На дебатата учествуваа и твитерџијата Бетмен Велит, водителот Петар Ѓошев, професорката по книжевност Тања Алексиќ и ракометарката Наталија Малахова-Тодоровска. Тие, секој од свој аспект, проговорија за неверството, љубовта, бракот и за машко-женските односи во начинот на живеење што го носи модерното општество.

Така, Хелена додаде дека секогаш била искрена и на партнерите им кажувала кога била неверна.

Хелена Роза (Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Хелена Роза (Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Никогаш во животот не сум била неверна. Секогаш сум си кажувала пред што било да направам. Секогаш сум си кажувала кога сум неверна и секогаш ми било простувано и прифатено. Сепак, не знам дали би прифатила кога мене би ми било кажано истото – рече Хелена, додавајќи дека за да се прости неверство, треба да се одлучи тоа целосно да се прифати и да не му се префрла на партнерот или, пак, доколку не може да се прости, врската целосно да прекине.

Бетмен Велит, пак, ја бранеше позицијата дека не верува во изневерувања, нагласувајќи дека тој што изневерува воопшто не е „фраер“.

Бетмен Велит (Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Бетмен Велит (Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Не се сложувам со идејата дека сексуалната врска со други лица, настрана од брачната заедница, може да опстојува зашто кога-тогаш таа ќе исчезне. Надоместувањето на сексуалната фалинка од врската, со однос со друг партнер, може лесно да премине во емоционална врска или во некаква зависност од некој друг – нагласи Бетмен Велит.

Бетмен беше ригорозен и изневерувањето го оцени како резултат на садомазохистичка страна во личноста на човекот.

– Никој што изневерил не е фраер, ниту мажот ниту жената. Самото изневерување е за да се скроти некој сопствен недостаток. Во мојот светоглед тоа не постои. Кај луѓето има садомазохистичка страна која иницира неверство. Тоа е исто како да чуеш глупава радиореклама и ја слушаш докрај од желба да видиш како ќе заврши, иако на ништо не те учи. Во суштина се повредуваш себеси. Има луѓе кои изневеруваат за на потсвесно ниво да се повредат себеси зашто во еден дел не се задоволни со себе, со сопствената личност – истакна Бетмен Велит.

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Професорката Алексиќ, пак, нагласи дека жените кај нас сè уште се плашат да ја нагласат сопствената сексуалност, како и дека сè уште праовладува светот на мажите.

– Уште го имаме данокот на минатото. Жената е кучка ако изневерува, а мажот е мачо и фраер ако го прави истото. Уште е машки светот, иако еманципацијата полека оди напред. Жената денес како да сака да врати на она вековно оттргнување од сексуалноста. Нашите жени сè уште се срамат да ја покажат сексуалноста, како да ќе ги спали некој на клада, како во средниот век, поради нивната убавина. Жената сега сака да врати, таа денес е „вештерка“ која знае да си го организира својот сексуален живот – истакна Алексиќ.

Таа воедно апелира дека жените треба да ги негуваат бракот и љубовта зашто не се вечни.

– Сакаме да влеземе во брак, исто како и првачињата. Тие одвај чекаат да тргнат на училиште, а потоа бегаат. Треба да се игра до крајот на бракот. Бракот и љубовта бараат негување. Лага е дека некој вечно ќе те сака зашто си убава, згодна или шармантна. Затоа се скршнува од бракот, токму во тоа е проблемот. Жената некогаш мора и за уво да ги враќа мажите назад – нагласи Алексиќ.

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Со сличен став беше и ракометарката Малахова-Тодоровска, која рече дека љубовта во бракот и во врските треба да се негува.

– Мажите можат многу полесно да бидат излажани отколку жените, но во Русија токму мажите се тие што повеќе изневеруваат. Сепак, жената е таа која го одржува семејството, таа треба да биде и одговорна за својот маж. Затоа и се вели дека жената, кога изневерува, не е добро. Љубовта треба да се негува, да се чува, низ сè да се помине – рече Малахова-Тодоровска.

Водителот Ѓошев, пак, истакна дека бил изневерен и дека за тоа простил. Тој, за разлика од другите учесници, нагласи дека сексуалното изневерување не треба да биде пречка за да опстојуваат врските и браковите.

– Немам проблем со простување неверство. Можам да разберам инцидентно изневерување зашто се случува тука и сега, нема никаков заговор. Но тоа што се случува подолго време, една лага, па друга, со цела програма за заштита на партнерите и за тоа кој што прави, е сосема различно. Банално е во 21 век да зборуваме за неверство, кое во суштина може целосно да исчезне доколку партнерите се искрени меѓу себе, ако зборуваат за сите свои тајни и сексуални фантазии – рече Ѓошев.

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)

Тој беше на ставот дека партнерите можат во врската да вклучат и други личности и да живеат во хармонија со искрени емоции.

– Може да се направи разлика меѓу емотивна и сексуална припадност. Двајца партнери кои си веруваат еден на друг можат отворено да зборуваат кога некој ќе ги привлече сексуално, па дури и да дозволат сексуално приклучување на други луѓе во нивниот однос. Тоа ќе ја зачини нивната врска или брак, а притоа нив ќе ги донесе на едно искрено ниво на кое реално ќе зборуваат за тоа што ним им се допаѓа или не им се допаѓа – рече Ѓошев.

(Т.О./Телеграф.мк)

Related Articles

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button