КАКВИ ПИЈАНИЦИ СТЕ: Во стилот на Ернест Хемингвеј или Мери Попинс
(Фото:Foter) По испиени неколку коктели или жестоки пијалаци, некои лица стапуваат во контакт со непознати луѓе, други бараат конфликт, а некои со часови се смеат без никаква причина.
Две лица можат да испијат иста количина алкохол, а нивното однесување да биде дијаметрално спротивно. Токму со оваа појава се занимаваа американските психолози.
Нивната студија, објавена во списанието „Addiction Research&Theory“ дојде до заклучок дека постојат четири категории луѓе што пијат алкохол.
Во првата, наречена „Ернест Хемингвеj“, потпаднале 40 отсто од 374 лица што биле опфатени со истражувањето. Станува збор за поединци што добро поднесуваат алкохол и кои под влијание на алкохолот не ја менуваат личноста.
Во втората категорија наречена „Мери Попинс“ , спаѓаат оние што по извесна количина алкохол стануваат повесели, подобродушни.
Луѓето што со секоја испиена чашка сѐ повеќе го менуваат своето однесување ја сочинуваат групата „Луди професори“. Обично природно интровертни, овие лица добиваат самодоверба и се посоцијални кога ќе испијат повеќе чаши.
Последната група, т.н. група „Господин Хајд“, се луѓе што под дејство на алкохол имаат тенденција да го загубат умот и стануваат неодговорни и поагресивни.
(Телеграф.мк)


