ЕУ: Македонците пијат алкохол помалку од Србите и од Црногорците
Пиво фест (Фото: Телеграф.мк/Радован Вујовиќ) Алкохолот е трет ризик-фактор за болест и смртност во Европа во 2012 година, по пушењето и високиот крвен притисок. Се проценува дека алкохолот е причина за 7,6 отсто од смртните случаи кај мажите и 4 отсто од смртните случаи кај жените.
Ова е наведено во извештајот за здравје на Европската комисија и на ОБСЕ, објавен месецов.
Статистиката покажува дека ЕУ како регион е прв во светот според пиењето алкохол, при што во 2012 година во просек се пиеле по 10 литри алкохол на возрасен. Како што пишува во извештајот, најмногу се пие алкохол во Литванија, Естонија и во Австрија (по 12 и повеќе литри во просек).
На другата страна на скалата се Италија, Малта, Грција и Кипар, заедно со нордиските земји, каде што во просек се пијат од 6 до 8 литри алкохол. Интересно е што се покажало дека консумацијата на вино се зголемила во некои држави кои традиционално важат за консументи на пиво и обратно.
(Фото: Телеграф.мк/Тоше Огњанов)
Во просек, мажите пијат повеќе од жените. Податоците во извештајот од 2012 година покажуваат дека во Македонија во 2012 година се пиеле во просек по 4 литри алкохол, што е помалку од Црна Гора (6,6) и Србија (9,7). Најмалку се пие алкохол во Турција (1,6 литар).
61% од населението во ЕУ секојдневно јадат овошје
Во извештајот се наведува дека несоодветната консумација на овошје и зеленчук е фактор кој влијае негативно врз здравјето. Јадењето храна за нутритивна употреба помага да се спречат повеќе хронични болести, срцев удар, дијабетес, кардиоваскуларни болести и сл.
Преку стратегијата за нутритивна храна и прекумерна тежина, Европската унија промовира балансирана диета и активен животен стил меѓу населението. Европската комисија го мониторира напредокот во консумација на зеленчук и овошје како еден од начините да се спречи трендот на лоши диети и ниска физичка активност.
Процентот на луѓе што јадат овошје варира од 50 отсто во Финска, Бугарија и во Романија до 70 отсто во Италија, Малта, Ирска и во Обединетото Кралство. Просечно во ЕУ 61% од населението секој ден јадат овошје, при што во сите држави жените јадат повеќе овошје отколку мажите (со исклучок на Швајцарија).
Маркети и продавници за овошје (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)
Во повеќето држави, луѓето на возраст над 65 години јадат повеќе овошје за разлика од младите на возраст од 15 до 24 години, иако ова не е случај во Бугарија и во Романија, каде што младите јадат повеќе овошје од постарите.
Консумацијата на овошје исто така варира во зависност од социо-економскиот статус и највисока е кај луѓето што имаат повисоко образование, особено во Бугарија, Латвија и во Романија. Како и да е, ова не е случај во некои држави во Јужна Европа, како Кипар, Грција и Малта, каде што луѓето со ниско образование почесто јадат овошје.
Јадењето зеленчук на дневно ниво варира од помалку од 50% во Германија, Словенија, Финска, Шанија, Данска, Исланд и во Унгарија, до повеќе од 70 отсто во Ирска, Белгија и во Обединетото Кралство. Просекот во ЕУ е 58%. Повторно, повеќе зеленчук во чинијата имаат жените отколку мажите. Единствениот исклучок е Бугарија каде што мажите и жените консумираат исти количини зеленчук. Високо образованите луѓе почесто консумираат зеленчук, иако разликата меѓу оние со и без образование е слична во Белгија, Кипар, Грција и во Словачка.
Целта на ЕУ е да се промовира јадењето зеленчук и овошје. Податоците покажуваат дека најмногу зеленчук консумираат Ирците, Белгијците и Британците, а најмалку Германците и Словенците.
(Фото: www.sickchirpse.com)
Дебелината варира од една до друга држава
Извештајот покажува дека 53 отсто од возрасните во земјите-членки на ЕУ имаат прекумерна тежина. Дебелината варира од една до друга држава, од 8% во Романија до 25 отсто во Унгарија и во Обединетото Кралство. Во просек, еден од шест возрасни во ЕУ бил дебел во 2012 година.
Во изминатите 10 години процентот на луѓе со прекумерна тежина се зголемил во земји како Франција, Луксембург, некои од нордиските држави, но и во Чешка.
Постои мала разлика во поглед на дебелината кај мажите и кај жените. Прекумерната тежина кај мажите е поголема во држави како Словенија, Луксембург и Малта, додека обратна е ситуацијата е во Латвија, Унгарија и во Турција. Исто така, постои врска меѓу бројот на години на образование и дебелината. Најобразованите луѓе се помалку полни. Во извештајот нема податоци за тоа каде е Македонија на скалата.
(Телеграф.мк)

