Раул Гутиерез: Поразот од Металург не треба да нé разочара
Ракометарите на Вардар подготовките за новата сезона ќе ги продолжат со учеството на Кањижа куп, кој ќе се одржува од 22 до 24 август. Турнирот во Кањижа, доаѓа по турнирот во Струга, на кој црвено-црните го освоија второто место.
Предводникот на вардаровите ракометари Раул Гонзалес Гутиерез, за клупската интернет страница истакна дека е задоволен од тоа како течат подготовките на екипата која во преодниот рок се засили со неколкумина врвни играчи.
„Мислам дека за воигрување на оваа екипа треба да помине одредено време. Среќен сум за тоа што во нашиот тим пристигнаа неколку врвни ракометари кои со своето искуство сигурно многу ќе придонесат во остварување на целите на овој состав. Имавме одлични услови за работа досега и продолжуваме со исто темпо. Знаеме дека очекувањата се големи, но потребно е трпение и квалитетот ќе исплива на виделина“, вели тренерот.
Шпанскиот стратег не е загрижен поради поразот од Металург во финалето на турнирот во Струга. Гонзалес смета дека е најважно тимот подготвен и во добра форма да ја започне сезоната.
„Тој пораз не треба никого да разочара, со оглед на тоа што ова е само турнир, каде што најголем дел од екипите се подготвуваат за регуларниот дел од сезоната. Свесен сум за атмосферата и ривалството меѓу двете екипи во Македонија, но за дваесетина дена ќе играме натпревар во СЕХА лигата и тогаш ќе видиме како стојат работите. Ова е период на воигрување и за тоа мора да се искористи. Следува турнирот во Србија на кој треба да одработиме уште неколку важни моменти од нашата игра, а резултатите од сево ова ќе ги видиме во сезоната што претстои. Најважно е тоа дека сега сме екипа составена од многу квалитетни ракометари и мислам дека овој тим секојдневно расте“, рече Раул Гонзалес за интернет страницата на Вардар.
