Металург ги официјализира трансферите на Коциќ и Липовина
Голманот Мирослав Коциќ и десниот бек Владан Липовина денеска ги официјализираа своите трансфери во редовите на ракометниот шампион на Македонија, Металург.

Искусниот 33-годишен голман Коциќ пристигна од редовите на Војводина, тој е замена за Раде Мијатовиќ кој се пресели во Унгарија. Коциќ за место во тимот ќе има конкуренција во Дарко Станиќ и Никола Митревски.
Во кариерата Коциќ настапувал за Дубочица, Планика, Заечар, Железничар и Ал Џаиш.
„Презадоволен сум од можноста да заиграм за екипата на Металург, која секако е една од најдобрите во Европа, што и го покажа со своите пласмани во последните две сезони од Лигата на шампионите. Мило ми е што ќе играм во Скопје каде ракометот е повеќе од спорт. Знам дека во Металург конкуренцијата на моето место е жестока и јас исклучително ги почитувам и Станиќ и Митревски. Сепак, во колективен спорт каков што е ракометот, најважно е сите тројца да бидеме во функција на клубот и сметам дека ќе има доволно натпревари во кои сите ние ќе имаме можност да ги покажеме своите квалитети. Морам да признам дека ниту во еден момент не се двоумев да ја прифатам поканата и да потпишам за Металург“, изјави Коциќ за интернет страницата на клубот.
Црногорскиот репрезентативец Владан Липовина има 21 година, во тимот пристигна на местото на Никола Кеџо, и тој треба да биде соодветна замена за Ренато Вугринец. Минатата сезона Липовина настапуваше во шпанското првенство во екипата на Сиудад Енкантада.
„Мојот потпис за Металург претставува голем напредок во мојата кариера. Иако имав доста понуди, ја прифатив поканата на Металург, бидејќи тоа е екипа која учествува во Лигата на шампионите и постигнува феноменални резултати во ова натпреварување. Металург е познат по својата работа со млади ракометари, а тренерот Лино Червар е еден од најценетите во светот. Особено ми е мило што ќе играм покрај Ренато Вугринец од кого ќе имам што да научам. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата на клубот и дека ќе имам можност да допринесам во идните успеси на Металург“, изјави Липовина.