Ризикот од инфаркт со вакцина ќе се намали за 90 отсто
Вакцинација (Фото: Chickenvet.co.uk) Вакцина која го намалува ризикот од срцев удар за 90 отсто би можела да биде достапна за десет години, тврдат научници.
Се работи за технологија на менување на ДНК преку „исклучување“ на ген во црниот дроб за кој се верува дека го покачува нивото на холестеролот во крвта.
Ваков третман веќе е успешно тестиран врз глувци, при што се покажало дека ја намалува концентрацијата на холестерол во крвта за 35 до 40 отсто. Се верува дека при вакцинација кај луѓе може да го намали ризикот од срцев удар за 90 отсто.
Д-р Киран Мусунуру од Институтот за проучување на матични клетки на Харвард кој го спровел ова истражување вели: „Срцевиот удар е водечки природен убиец во светот, со оглед дека еден од двајца мажи и една од три жени повозрасни од 40 години доживуваат инфаркт. Ако се промени нивниот геном на безбеден начин, може да се намали ризикот од инфаркт за 90 отсто“.
Тој вели дека истражувањето е во рана фаза, а првите пациенти би можеле да бидат испитани дури за 10 години.
(Телеграф.мк/B92)


